Intervju
7 При монтажата во вашите филмови има прекрасни монтажни преоѓања. Дали уште во процесот на снимање, или пишување на сценарио, имате предвид какви решенија ќе има монтажата или тоа го оставате, во најголем дел, на монтажерот? Сценариото го делам на повеќе делови при снимање. Откако ќе снимиме неколку сцени, по неколку денови ги гледам една по друга, и, доколку мислам дека има празнина, повторно ги снимам тие сцени. И кога ни завршува филмот, можам да кажам дека, помалку или повеќе, имаме веќе еден монтажен тек, кој е близок до конечната монтажа. Бидејќи ги снимаме филмовите на 35 милиметри, не со дигитална камера, многу внимателно ги снимаме сите сцени, бидејќи немаме пари за да се навратам повторно да ги снимам тие исти сцени. Слушам дека денес има многу долги снимања, на пример, има сцени кои се снимаат и по педесетина пати. А јас не можам да си дозволам таков луксуз. Затоа, кога го носиме материјалот на монтажа, се обидуваме да го споиме на што е можно поубав начин. Имаме и некои сцени кои се многу значајни, па веднаш по снимањето се консултурам со нашиот монтажер дали е сцената во ред, дали има недостаток, дали треба повторно да снимаме, па можам да кажам дека од првиот момент ние го вклучуваме нашиот монтажер во процесот на снимање на филм. 8 Во некои сцени гледаме делови од специфичната народна култура што вообичаено не се прикажува во филмови, како на пример сцената од продавница за гоблени, што, пак, целосно ја доловува реалноста што сакате да ја прикажете. Дали учествувате при бирањето на локации, сценографијата, и на тие мали, ситни, но важни моменти во вашите филмови? Можам да кажам дека директно сум вклучен во процесот на бирање локации. Всушност, посетувајќи ги локациите го пишувам и сценариото. Истото може да го кажеме и за актерите. Уште во текот на пишувањето на сценариото јас сум во контакт со нив бидејќи за мене е значајно тие да бидат вклучени во таа мисла и во тоа чувство на она што го пишувам. 9 Во филмовите ја сликате модерна Турција, со многу нејзини маани и доблести, употребувајќи силна психологија, која ја прикажувате на едноставен начин, повеќе преку дејствија одколку преку зборови, беспрекорно умешно спојувајќи ја таа ретко достижна на таков начин синтеза на слика и збор. Па, како совет за младите филмски автори – каков е вашиот процес при градење на ликовите? За мене најзначајни се чувствата. И, во процесот на градење на ликовите ние создаваме лик во кој ќе може да ги вградиме овие чувства. Тука, повторно ќе се навратам, ќе повторам дека најзначајно е она што е во мојата меморија. Она што сум го читал, она што сум го видел, она на што се сеќавам. И потоа го поставувам прашањето – овие мои сеќавања, чувства, како тие се доживуваат во денешнината? На пример, се присетувам каков сум бил јас кога сум имал години како Јусуф во „Млеко“, што чувствував и што доживував и што во денешницата луѓето на таа возраст чувствуват и доживуваат. Затоа, на пример, за филмот „Млеко“, во регионот кадешто снимавме, имав интервјуа со околу 700 до 800 ученици од средни училишта. Долго време разговарав со младите, ги прашував како живеат, што чувствуваат, како им се нивните односи со нивните родители, доколку се вљубени - како ја доживуваат таа љубов, што мислат за случувањата во Турција и за нивната иднина и иднината на нашата земја, и се обидував да ги разберам. Исто така, на младите режисери, би можел да им го препорачам следново:не треба да забораваат дека кинематографијата е уметност на градење, на време, и не е само уметност која се создава со звук и слика. Исто така, би можел да ги советувам да не бидат никогаш задоволни од тоа што го постигнале, и да не ја злоупотребуваат слободата која ја нуди дигиталниот свет. 10 Зошто сè уште снимате на 35 милиметри? Како прво, тоа е најдобар метод кој го знам. Како второ, ме дисциплинира. Како трето, сḕуште не сум убеден дека дигиталното е или може да биде дел од кинематографијата. |
При снимањата на филмот „Пченица“ во Америка, бидејќи еден дел се снимаше таму, дознав дека дури и денес околу 55 проценти од филмовите во Холивуд се снимаат на 35 милиметри. Мислам дека повторно кинематографијата ќе се врати на 35 милиметри. 11 Во Вашата трилогија опишувате еден животен циклус – детство, адолесценција и средовечност, и дилемите и прашања со кои се соочува главниот лик, Јусуф. Дали би сакале да ни опишете, на кратко, што сакавте да доловите со трилогијата, или, ако сакате повеќе, зошто, од каде поривот токму за таква трилогија? Поривот кој ми беше показател во пишување на сценаријата за трилогијата, беа прашањата кои почнав да си ги поставувам себеси, некаде на средина на моите четириесетти години. Почнав да се прашувам кој сум, од каде доаѓам, каде одам, какво е моето минато и мојата сегашност, кои се моите сеќавања, дали и како се одвива тој процес на битисување на човечкото суштество, како се оформуваме ние, и колку животи живее еден човек во текот на својот живот, односно, колку Јусуфи има во ликот на еден Јусуф. Тие прашања направија да почнам да ја пишувам оваа трилогија. 12 Во едно од вашите интервјуа велите дека луѓето заборавиле да гледаат во себе. Ве молам за поширока елаборација на таа мисла. Тоа го кажав бидејќи мислам дека во времето во кое живееме луѓето разделуваат сḕ на делови, и нивното време така си го делат. Односно, имаме работно време, време за задачи, за љубов, време за спиење... Мислам дека во денешницата веќе не живееме во она време кое го создава природата, туку, живееме во време кое го создаваме сами, и тука се кине нашата врска со природата. И во најголем дел го правиме она што нашето его го бара од нас и мислиме дека тоа е наша слобода. Во најголем дел мислиме дека сме среќни и слободни со нешта кои не се дел од нашата суштина. Односно, ако го купувам тоа и тоа сум среќен, ако живеам во тие и тие услови сум слободен. Меѓутоа, сите тие нешта не се дел од нашата суштина. Луѓето не се обидуваат да се запознаат самите себе и затоа мислам дека во нашите срца и во нашите очи има една невидлива завеса за која не сме свесни. Според мене, човештвото е во една голема духовна заблуда во денешницата. Затоа, мислам дека уметноста денес треба уште повеќе да ги потсетува луѓето во врска со овие вредности кои ги забораваме. Но, за жал, во денешницата, и уметноста и филозофијата, не се високо рангирани во актуелниот живот на луѓето. 13. Славниот турски писател Марио Леви, при посета на Старата скопска чаршија, ми рече: „Сум посетил многу градови низ светот, но, ова е првпат да се чувствувам како дома кога сум во странство“. Како Вие го доживеавте Скопје? Јас веќе по четврт пат сум во Скопје. Секогаш кога сум во Скопје, особено во стариот дел на градот, се чувствувам како во мојот дом. А, веќе и во мојот дом, во Турција, веќе не се чувствувам вака бидејќи ја нема таа автентичност како што е во стариот дел на Скопје. На пример, утринава кога излегов од хотелот за да се прошетам малку, имаше мирис кој очигледно беше од домаќинства кои се греат со дрва. Тој мирис ние веќе го немаме во Турција, бидејќи сите домаќинства и објекти веќе се греат со природен гас. Тој мирис ме обзеде и ме врати во моето детство. И би можел да кажам дека трилогијата за Јусуф многу комотно можеше да се снима и во Скопје, на пример. Мислам дека особено сега, таа контрадикторност и таа тензија, ако можам да ја наречам така, помеѓу стариот и новиот лик на градот, мислам дека уште повеќе би се вклопиле во приказната во филмот „Млеко“. Дејан ТРАЈКОСКИ |