Festivals         БРАЌА МАНАКИ


    36.ИЗДАНИЕ НА ФЕСТИВАЛОТ НА ФИЛМСКАТА КАМЕРА „БРАЌА МАНАКИ"
    17.500-на публика го проследи фестивалот, кој понуди програма и гости вредни почит


    Oколу 17.500 публика ги проследи настаните на 36.издание на фестивалот „Браќа Манаки", кое годинава траеше десет дена. Двесте филмски наслови – долгометражни, кратки, играни, документарни, студентски, детски филмови беа прикажани во 13 фестивалски програми. Филмовите беа прикажувани во четири сали. Целата програма, заедно со ОФФ-програмата, која содржеше промоции на албуми, концерти, настапи на диџеи – опфати вкупно 22 локации. Битолчани покажаа огромен интерес за содржините од ОФФ-програмата кои беа вкупно 31. Подготовките за фестивалот почнаа засилено од средината на април, кога прв проект на фестивалот беше претставувањето во рамките на Канскиот филмски фестивал, во рамките на Павилјонот на земјите од Југоисточна Европа. Кан ни помогна многу за да воспоставиме контакти со добар дел од гостите што ги имавме годинава, како и за филмската програма, односно изборот на филмовите.

    Во организирање на фестивалот работеа 30-мина луѓе, а за целосната реализација помогнаа и 13 фотографи (кои направија архива од 21.000 фотографии), 25 хостеси, 65 волонтери, 20-мина лица од техниката. Вкупно 10 награди додели фестивалот, како и една што ја додели Унгарската филмска лабораторија, во износ од 10.000 евра, за режисерот на најдобриот филм во програмата „Нов европски филм", Гримур Хаконарсон.

    Фестивалот ги пречека великаните Јаромир Шофр, Бруно Ганц, Алексеј Серебрјаков, Ришард Ленчевски, Божидар Бота-Николиќ и многу други.

    Најголем интерес кај публиката предизвикаа филмовите: „Лазар" на Светозар Ристовски, „Платен убиец" на Дени Вилнев, „Магбет" во режија на Џастин Курцел. Во Дополнителната програма на фестивалот, се одржаа: шест мастер-класи (Божидар-Бота Николиќ, Хајет Бенкара, Ришард Ленчевски, Јаромир Шофр и две на Милчо Манчевски), пет работилници (Пеце Котевски, Дебора ван Дам, Вим Корин, Мигел Љансо, Шофр и Марек Јиха), две панел-дискусии (Ана Василевска – македонскиот филм во минатите 25 години и филмската критика денес, што ја водеше Гена Теодосиевска со петмина гости критичари), шест презентации (Филмската академија од Охрид, Торино Филм Лаб, СОНИ, Атер студио, Изириг и Vision.mk), една конференција, три изложби.

    Мастер-класите на Милчо Манчевски и на Божидар-Бота Николиќ предизвикаа најголем интерес. На конференцијата на ИМАГО учествуваа 12-мина излагачи од регионот и пошироко. Имавме 65 студенти од 13 филмски академии и факултети со кои потпишавме договори за соработка.

    manaki5 

    Фестивалот додели и награда за најдобар студентски филм „Милевин потиљак" на режисерот Никица Здуниќ, што на победникот му ја врачи режисерот Милчо Манчевски.

    Годинава фестивалот обрна поголемо внимание на онлајн-промоцијата преку нашата интернет-страница, а особено преку посебната содржина наречена Manaki Daily, во која низ видеа, фотографии и вести на англиски јазик, ги одбележавме сите настани на фестивалот. На оваа платформа беа изработени 100 фотогалерии, 64 вести покриени со една или повеќе фотографии, како и десет дневни видеохроники и една збирна видеохроника, во која се опфатени најважните случувања на фестивалот.

    Токму со оваа новина добивме позитивни реакции од цел свет, дури од од поранешни гости на фестивалот кои низ шега ни пишуваа дека следејќи не на сајтот, се чувствуваат како да се во Битола. Околу 2.700 деца ги посетија шесте филма од Вип-детската програма. Инаку, 50-ина студенти беа гости на фестивалот и учествуваа во програмите. Околу 550 деца ја проследија светската премиера на филмот „Момчето-фантом", прв цртан филм целосно синхронизиран од актери на Народниот театар од Битола.

    Првата година на новиот тим на фестивалот беше особено важна за да се почувстува пулсот на публиката и да се продолжи со добрата приказна што фестивалот и досега ја негувал. Мислејќи на богатата програма и траењето од десет дена (три дена повеќе од досега), режисерот Митко Панов, член на жирито на Официјалната програма, се пошегува: „Годинава, фестивалот трае две години".

    Сребра Ѓорѓијевска

     

    Previous-Page-Icon    09   Next-Page-Icon

    © 2010 Camera Lucida All Rights Reserved.

    Please publish modules in offcanvas position.